Технологија

Оваа технологија е базирана на т.н тотипотентност на растенијата т.е можноста една единствена растителна клетка да се развие во целосно развиен растителен организам. Главни компоненти на кои е базирана оваа технологија е изборот на експлантот (делот од растението), растење на експлантот во дефинирана хранлива подлога во проѕирен стаклен или пластичен сад, елиминација или превенција од секаков тип на заболувања, обезбдување на соодветни контролирани климатски услови и на крај, трансфер на младиот посадочен материјал од контролирани (лабораториски) во надворешни/природни климатски услови на одгледување (аклиматизација).

Експлантантите се произведени во чисти, стерилни услови во лабораторија за култура на ткиво, при што после фазата на клонално размножување доаѓа фазата на предкоренисување, а процесот во лабораторија завршува со крајната фаза на коренисување на младите растенија.

Од лабораторија, коренисаните млади растенија се испраќаат на аклиматизација во специјално адаптирани стакленици каде растенијата постепено се изложуваат на услови кои се најблизу до надворешните природни услови, бидејќи растенијата кога излегуваат од лабораторија не се фотоавтотрофни и морфолошки се послабо развиени.

Производството на млади растенија од култура на ткиво бара висок степен на знаење и експертиза. Оваа технологија на производство е докажано успешна во комбинација со примена на добри менаџмент практики, познавања од растителната физиологија, соодветни и контролирани климатски услови, чиста, незагадена, асептична средина итн. Планирањето, контролата, следењето, постојаното оценување и проактивниот пристап се основни за успешно, квалитетно и одржливо производство.