Технологија за култура на ткиво
Оваа технологија се заснова на таканаречената тотипотенција на растенијата, односно способноста на единечна растителна клетка да се развие во целосно развиен растителен организам. Главните компоненти на кои се заснова оваа технологија се изборот на експлантат (дел од растението), одгледувањето на експлантатот во дефиниран хранлив супстрат во транспарентен стаклен или пластичен сад, елиминацијата или превенцијата на било каков тип на болест, обезбедување на соодветни контролирани климатски услови, и на крајот, трансферот на младите садници од контролирани (лабораториски) во надворешни/природни климатски услови за одгледување (аклиматизација)

Експлантантите се произведени во чисти, стерилни услови во лабораторија за култура на ткиво, при што после фазата на клонално размножување доаѓа фазата на предкоренисување, а процесот во лабораторија завршува со крајната фаза на коренисување на младите растенија.
Од лабораторија, коренисаните млади растенија се испраќаат на аклиматизација во специјално адаптирани стакленици каде растенијата постепено се изложуваат на услови кои се најблизу до надворешните природни услови, бидејќи растенијата кога излегуваат од лабораторија не се фотоавтотрофни и морфолошки се послабо развиени.
Производството на млади растенија од култура на ткиво бара висок степен на знаење и експертиза. Оваа технологија на производство е докажано успешна во комбинација со примена на добри менаџмент практики, познавања од растителната физиологија, соодветни и контролирани климатски услови, чиста, незагадена, асептична средина итн. Планирањето, контролата, следењето, постојаното оценување и проактивниот пристап се основни за успешно, квалитетно и одржливо производство.